033 271 178
033 272 479

Ден на поезијата „ Стихот ја буди пролетта во нас “

Промовирањето на поезијата, со сите нејзини вредности беше главна причина УНЕСКО да го прогласи 21 Март за Светски ден на поезијата. Одлуката беше донесена на 30-тата седница на УНЕСКО одржана во Париз во 1999 година.

Во одбележувањето на Светскиот ден на поезијата УНЕСКО ја препознава уникатната способност на поезијата да го долови творечкиот дух на човековиот ум. Воедно една од главните цели е да се поддржи јазичната разновидност преку поетски израз и да им понуди на загрозените јазици можност да бидат слушнати во нивните заедници. Да го охрабри враќањето на усната традиција на поетски рецитали, да се промовира читањето поезија, да се врати дијалогот меѓу поезијата и другите уметности.

ЈОУ Библиотека „Искра“ се приклучува во одбележувањето на 21 март Светскиот ден на поезијата со стихови од наградената збирка „Математичка поезија“ од проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и стихови од творештвото на Филип Димкоски. Воедно изразуваме благодарност до проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска и Филип Димкоски кои со своите стихови дадоа придонес во одбележувањето на Светскиот ден на поезијата.

ДАНИЕЛА АДОНОВСКА-ТРАЈКОВСКА- добитник на наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писатели на Македонија, за книжевната продукција во изминатата 2020 година, за поетската збирка „Математичка поезија“.

Даниела Андоновска-Трајковска (3 февруари 1979, Битола, Македонија) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, на Битолскиот книжевен круг (БКК) и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД-Битола), а се занимава и со преведување на уметничка литература (од англиски на македонски и обратно). Има објавено над 100 научни трудови објавени во референтни меѓународни научни списанија, 8 книги поезија: „Збор за зборот“ ( со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, Матица, Скопје, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, Македонско научно друштво, Битола, 2015), „Црна точка“ (Битолски книжевен круг, Битола, 2017), „Стапалки“ (Македонско научно друштво, Битола, 2017), „Три“ (Современост, Скопје, 2019), „Куќа на контрасти“ (Матица, Скопје, 2019), „Електронска крв“ (ЦК „Ацо Караманов“- Радовиш, 2019), „Математичка поезија“ (ЦККС, Скопје, 2020), една прозна книга „Кафе, чај и црвено небо“ (Бран, Струга,2019), неколку стручни публикации и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Добитник е на повеќе награди меѓу кои најзналајни се: „Празник на липите (ДПМ, 2018), „Крсте Чачански“ за проза за „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), Караманов, 2019 за поезија (за „Електронска крв“), Македонска книжевна авангарда за „Куќа на контрасти“ (Фондација за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје, 2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale “Tulliola-Renato Filippelli” за „Електронска крв“ во Италија (2021) и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ (ДПМ, 2021). Преведена е на дваесетина светски јазици и објавена во реномирани книжевни списанија и антологии во земјата и странство.

ФИЛИП ДИМКОВСКИ (27 јуни 1995, Прилеп, Македонија) е поет, преведувач, новинар. Дипломирал на Факултетот за земјоделски науки и храна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Десет години е постојан соработник – новинар во најстариот дневен весник во Македонија, Нова Македонија. Се занимава со водителство и рецитирање. Преведува од српски, од хрватски, и од бугарски на македонски јазик. Автор е на книгите: „Најхранливи зборови од детска душа дарови“ (поезија и куса проза за деца, 2010), „Божилак на исконот“ (поезија за возрасни, 2014), „Во градината има само љубов“ (поезија за возрасни, 2018), „Заедно да растеме“ (поезија за деца, 2018). Книгата „Божилак на исконот“ е објавена на српски и на бугарски јазик во 2016 година, книгата „Заедно да растеме“ објавена е на српски јазик 2019 година, а книгата „Во градината има само љубов“, на бугарски јазик 2019 година.

Добитник е на неколку награди меѓу кои: „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво за книгата „Заедно да растеме“(2018), Плакета „Сима Цуциќ“ на Банатскиот културен центар за српското издание на „Заедно растеме“(2019), награда „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата (2010), награда „Си било еднаш едно дрво“ за расказ, како и награди на фестивалите „Мелничките вечери на поезијата“ (Мелник, Бугарија, 2012 и 2016), Белоцветните вишни (Казанлак, Бугарија 2016 и 2017), „Есенски штурци“ (Извор, Бугарија, 2018). Поезијата му е препеана на петнаесетина јазици и застапена во списанија, зборници и антологии.

ЈОУ Библиотека „Искра“-Кочани
библиотекар Кристина Ѓорѓиевска Атанасова

ЗА БИБЛИОТЕКАТА

Добредојдовте на официјалната веб страница на градската библиотека „Искра“ - Кочани. Тука ќе можете да се запознаете со работата на библиотеката и со сѐ што таа им нуди на своите читатели. Ќе имате можност да се запознаете со сите потребни информации.

КОНТАКТ