033 271 178
033 272 479

ОДДЕЛИ/ОРГАНИЗАЦИЈА

Комплетирањето на библиотечен материјал-монографски публикации е еден од поважните процеси во работењето на Библиотеката, кој бара следење на целокупната издавачка продукција во нашата земја со внимателно анализирање на каталозите на издавачките куќи, и пребарување и следење на интернет за најновите и најпопуларни изданија. Врз основа на тоа, се прават анализи и се изготвуваат планови за нарачка на нови книги, според потребите на библиотеката и за да бидат опфатени монографски публикации од сите области на човековото знаење.

Комплетирањето на монографските публикации се врши по пат на купување, подарок и размена. Купувањето е најчест начин за комплетирање на книжниот фонд во нашата библиотека. Стручното остварување на набавната политика е основен услов за успешно опстојување и перспективен развој на библиотеката, реализирајки ја со тоа основната дејност на една библиотека.

Единствена цел на добрата набавна политика е задоволување на широкиот спектар на интереси на корисниците со најпробирливи вкусови, преку публикации што ги одразуваат новите тенденции во сите научни дисциплини од целиот свет.

Во тој план приоритет и се дава на младата популација која е и најбројна читателска група во нашата институција. Се надополнуваат лектирните изданија, белетристика за деца и возрасни и стручна литература.

Според библиотечните стандарди од вкупниот број на книги што ќе бидат набавени во текот на 2015 година, 50% треба да биде уметничка литература, прирачна литература (енциклопедии, речници и сл.) = 10 % и останатите области на знаење = 40 %.

Според библиотечните прописи годишниот прираст на книжниот фонд изнесува минимум 5 % од вкупниот број на книги со кои располага библиотеката.

Заклучно со крајот на декември 2014 година ЈОУ библиотека „Искра“ – Кочани, заедно со подрачната библиотеки во н. Оризари има вкупно 92.750 монографски публикации. Тоа значи дека во 2015 година книжниот фонд на библиотеката треба да се зголеми за 4.637 книги, т.е. за 5% од вкупниот број.

Обработката на монографските публикации подразбира техничка и стручна обработка на истите. За да можат да им се издаваат книгите на читателите пред тоа мора да ги поминат овие процеси на обработка. Порано, целосната обработка на книгите се правеше рачно, според светските библиотечните норми и прописи.

Со развојот на информатичката технологија во која навлегоа и библиотеките, денес стучната обработка на книгите се врши по електронски пат. Во нашата библиотека е имплементирана COBISS програмата, со што и нашата библиотека стана дел од Виртуелната библиотека на Р. Македонија која претставува поврзување на сите видови библиотеки во нашата држава во единствен национален библиотечно-информациски систем. Системот COBISS функционира врз основа на стандаризирана и заемна обработка на библиотечна граѓа и воедначено водење на каталозите и библиографиите и врз основа на компјутерска и комуникациска поврзаност на библиотеките. COBISS програмата постојано се развива и надградува

Благодарение на ваквата напредна обработка на книжниот фонд преку COBISS програмата, не само нашите членови, туку и сите граѓани во нашата држава можат слободно и во секое време електронски да пребаруваат не само во фондот на нашата библиотека туку и во сите библиотеки членки на COBISS.MK системот.

Одделот за обработка на периодични публикации е една од организационите единици на ЈОУ Библиотека „Искра“. Овој оддел постои и активно функционира од 1983 година и секојдневно се прават напори и се изнаоѓаат нови можности за што поквалитетно задоволување на потребите на корисниците на овој фонд.

Овој оддел се занимава со обезбедување, комплетирање, обработка, давање на користење и чување на периодичните публикации со кои располага оваа библиотека. Бројот на периодичните наслови секоја година е различен, но не се разликува многу, во зависност од тоа колку нови наслови периодика се појавуваат во оваа издавачка дејност и колку од нив се интересни за нашата читателска публика. Во моментов имаме седум (7) наслови дневни весници и околу 30 наслови со различна периодичност (време на излегување). Сите тие секојдневно се на располагање на нашите корисници само во просториите на библиотеката, поточно во читалната за периодика.

За овој оддел вреди да се потенцира дека дел од периодичните наслови се купуваат, а голем дел ги добиваме како подарок. Повеќе години наназад (околу 15-тина), постојан донатор на ЈОУБ „Искра“, кога станува збор за овој оддел, е Печатницата „Европа 92“.

Позајмно – информативниот и услужен оддел за деца и возрасни при ЈОУБ „Искра“ Кочани секојдневно остварувајќи ја својата дејност, ги потикнува корисниците за негување на навиките за читање кај сите возрасти на граѓани.

На нашите членови им се овозможува добивање на брза и навремена

- информација за достапноста на бараната книга која може да се добие во Библиотеката и нејзино позајмување, како и
- Остварување на меѓубиблиотечно позајмување на бараниот и потребен материјал на корисниците, доколку истиот го нема во библиотеката.

Исто така континуирано се следи интересот и потребите на корисниците и соодветно на тоа се учествува во креирањето на набавната политика, збогатување на библиотечниот фонд – монографски и периодични публикации и друг непечатен библиотечен материјал, со цел да се прошири читателската публика.

Во позајмно-услужниот и информативен оддел за деца и возрасни им е овозможено на корисниците достапност на секаков вид на литература: лектирни изданија, енциклопедии, лексикони, речници, сликовници, белетристика, сручна литература, …

Енциклопедиите, лексиконите, материјалите од раритетната збирка, дневниот печат, Службениот весник како и книгите од кои библиотеката поседува само по еден примерок не се издаваат за читање и користење надвор од просториите на библиотеката.

Од библиотеката книги може да изнајмуваат само членовите на библиотеката.

Исто така со отварањето на (Дигиталниот клуб) во Библиотеката корисниците можат да работат на компјутер, да пребаруваат на COBISS/OPAC- Виртуелна библиотека на Македонија, каде имаат пристап до информациите до повеќе од 40 библиотеки во Македонија. Исто така корисниците, користејќи го библиотечниот материјал, во библииотечните читални можат да работат на своите стручни и научни трудови.

Оддел за позајмување и услуги во подрачната библиотека во н. Оризари

Библиотеката во н. Оризари е подрачна библиотека на ЈОУ Библиотека „Искра“- Кочани. Таа е сместена во просториите на поранешната општина, во непосредна близина на основното училиште. Библиотеката работи во една смена, од 8 до 16 часот, од понеделник до петок. Снабдена е со богат фонд на книги од сите жанрови: детски, лектирни изданија и книги за возрасни.

Првачињата се зачленуваат и ги користат услугите бесплатно.

Библиотеката моментално опслужува околу сто свои редовни членови, од сите возрасти, со расположлив книжен фонд од околу 9.000 книги.

Книжниот фонд во оваа библиотека е оформен со перманентно издвојување на еден дел од вкупно набавените книги во ЈОУБ ,,Искра”- Кочани, според библиотечните прописи, секоја година.

Сите пристигнати книги и во подрачната библиотека во н. Оризари, се обработуваат електронски во COBISS програмата.

Литературниот клуб „Копнеж“ е еден од најстарите литературни клубови во нашата држава, формиран во далечната 1964 год. од група млади интелектуалци, кои ги спојува желбата за пишување, љубовта кон поезијата и литературното творештво. Прво егзистирале како градско катче на кочанските творци, преку неговите порти поминале плејада млади, средни и постари литерати. Од 1968 клубот станува посебна организациона единица во библиотеката „Искра“, со свој претседател и раководител и од тогаш до денес тој функционира континуирано, без прекин. Во „Копнеж“ членуваат по сопствена определба луѓе со афинитет за пишување во сите литературни жанрови и од сите возрасти. Целта на клубот и на раководителите и претседателите е да ги афирмира сите млади луѓе кои имаат желба да пишуваат, да ги поттикнат тие желби, да ја градат љубовта кон мајчиниот литературен јазик и да им помогне во остварување на желбата да издадат свои книги. Ставајќи го акцентот на издаваштвото во ЈОУБ „Искра“- Кочани, клубот може да се пофали со богатото индивидуално издаваштво на своите членови. Секоја стихозбирка, тематска творба, монографија издадена и печатена од членовите е богатство во ризницата на клубот. Досега клубот има печатено три алманаси, и најмалку 6 Билтени годишно, со творби на своите членови, а последните години ги издава и во електронска форма.

Целокупната дејност на клубот „Копнеж“ остави неизбришан придонес во развојот на кочанската култура. Секогаш активен и присутен во сите културни збиднувања во градот и надвор од градот на значајни поетски настани , како „Струшките вечери на поезијата“, „Рацинови поетски средби“, поетски фестивали и конкурси и од сите нив, секогаш крунисани со бројни награди. Една од нив е највисоката и најпрестижна 7-мо Септемвриска награда“ од градот, која беше пренаменета за печатење на монографијата „45 години литературен клуб „Копнеж“.

Како посебна организациона единица во библиотеката „Искра“, ЛК „Копнеж“ функционира со свој претседател, пет-члено работно тело и раководител од редот на вработените, г-ѓа Вангелија Цавкова, има свој деловник за работа и редовни состаноци секој петок, во 12 часот. Актуелен претседател на клубот е г-ѓа Ленче Стоименова, истакнат афористичар, поет, карикатурист, со неколку издадени свои книги. Во тек се припремите за печатење на јубилејната монографија „50 години од постоењето на ЛК „Копнеж“.

Роднокрајниот фонд во Одделот за роднокрајна дејност е организиран како самостоен, соодветно на тоа претставува и специјален фонд во категоријата посебни книжни фондови.Фондот е формиран со долгогодишни истражувања, a граѓата во овој фонд е универзална по својата содржина, и претставува мешовита збирка во која покрај Збирката –ретки и старопечатени книги, Збирка - дробен печат, Збирка-фотографии потоа публикувани трудови на роднокрајни автори во форма на монографски публикации, сепарати, ракопис на рака, машинопис, касети, ЦД-еа, и Збирката – докторски дисертации и магистерски тези.Ваквиот вид на материјал му дава на корисникот информации од историјата, земјоделието (производството на ориз), економија, политика,култура, спорт, поточно од сите сфери на оштественото живеење на градот Кочани и општината во старите рамки како и за целиот регион и државата Македонија.

Библиотечната граѓа од овој фонд е достапна за сите корисници : истражувачи,ученици, студенти на кои им се потребни информации за Кочани и Кочанско, а можат да ја користат само во просториите на библиотеката.

Преку овој Оддел се организира, планира и координира работата на Библиотеката, со посебна грижа за законитоста во работењето, се усогласуваат и дополнуваат актите согласно најновите законски прописи, се следат програмите и плановите за развој и се обезбедува доследно спроведување на донесените одлуки.

Паралелно со тоа се организира соработка на овој план со библиотеки и други сродни институции, навремено се регулираат прашањата што произлегуваат од работниот однос, се води сметка за правилно административно-архивско работење, организирање на одбраната и сл.

Во доменот на финансиското работење се изработуваат финансиски програми, планови, предлог инвестициони програми и учество во нивна реализација, се изготвува завршна сметка, водење благајничка документација, водење синтетичка и аналитичка евиденција, водење сметководство на основните средства и следење и практична примена на прописите од таа област.

Oвој сегмент е целосни автоматизиран, со соодветен софтвер за административно работење со што се зголеми ефикасноста во работењето.

ЗА БИБЛИОТЕКАТА

Добредојдовте на официјалната веб страница на градската библиотека „Искра“ - Кочани. Тука ќе можете да се запознаете со работата на библиотеката и со сѐ што таа им нуди на своите читатели. Ќе имате можност да се запознаете со сите потребни информации.

КОНТАКТ