033 271 178
033 272 479

ЗА БИБЛИОТЕКАТА

ЈОУ Библиотека „Искра“ своите почетоци ги има во далечната 1941 година за кога се знае дека било започнато со активностите за формирање на Градско читалиште на кое еден од иницијаторите за неговото формирање, Славко Митев, му го дал името „Искра“. Полното име кое стоело на зградата каде што започнало да работи читалиштето било „Народно читалиште Искра“. Тоа тогаш имало скромен фонд од околу 500 книги и 70-тина членови. Како такво, читалиштето опстојало за време на Втората светска војна, сѐ до 1945 година, до ослободувањето, кога прераснува во Градска библиотека под истото име, „Искра“, а така е и до денес.

За период од повеќе од 70 години постоење, ЈОУБ „Искра“ својата локација ја менува повеќе пати, како во приватни куќи, исто така и во општествени згради. Во 1989 година библиотеката се сели во зградата на некогашната Пошта што, всушност, е местото каде се наоѓала куќата во која и е формирано читалиштете „Искра“. Овде таа се наоѓа и денес и располага со простор од околу 450 м² (депоа за монографски и периодични публикации, две читални за корисниците на монографскиот фонд и една за периодика, потоа позајмно одделение, простор за сите останати оддели во библиотеката).

Во текот на своето долгогодишно постоење во „Искра“ работеле голем број луѓе, бројката во различни периоди била различна, а денес таа е вкупно 9 вработени и еден волонтер во подрачната библиотека во населбата „Оризари“.

Бројот на библиотечни единици од фондот на монографски, периодични и друг вид библиотечни публикации е голем, тој секојдневно се надополнува со најновите изданија од издавачката продукција и речиси е доволен да ги задоволи потребите на корисниците на библиотечните услуги, чиј пак број, од година во година е сѐ поголем, и покрај брзиот развој на напредната електронска технологија.

Ова значи дека љубители на вистинската пишана книга, на наше огромно задоволство, секогаш постоеле, постојат денес, а веројатно ќе постојат и понатаму, оние кои уживаат да ја почувствуваат хартијата меѓу своите прсти и кои нам, на библиотечните работници, секојдневно ни даваат стимул за поквалитетно опстојување и работење.

ЗА БИБЛИОТЕКАТА

Добредојдовте на официјалната веб страница на градската библиотека „Искра“ - Кочани. Тука ќе можете да се запознаете со работата на библиотеката и со сѐ што таа им нуди на своите читатели. Ќе имате можност да се запознаете со сите потребни информации.

КОНТАКТ