Skip to content
402195118_720031500161431_2443055957649856791_n
Offline

Детска Патувачка Фолк Библиотека

Библиотека Искра
ОМУ Ристо Јуруков
Мултикултурниот центар - Кочани
Во Мултикултурниот центар, во организација на ЈОУ Библиотека „Искра“ во соработка со Фолконика – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, едукација и иновации за деца и ООМУ „Ристо Јуруков“– Кочани, се реализираше проектот ДЕТСКА ПАТУВАЧКА ФОЛК БИБЛИОТЕКА – КОЧАНИ. Наши гости ни беа учениците од ООУ „Св. Кирил и методиј“, ООУ „Малина Попиванова“, ООУ „Раде Кратовче“, ООУ „Никола Карев“ и ООУ „Крсте Петков Мисирков“-Оризари, кои имаа одлична можност за дружење со македонската фолклорна традиција и народните песни. На програмата се најде изведбата на народната песна „Слушам кај шумат шумите“, која беше вовед за промоцијата на првата музичка фолк сликовница, со ист наслов, издадена од Фолконика, потоа песните „Јовано Јованке“, „Македонско девојче“ и многу други. Душко Георгиевски, претседател на „Фолконика“ и естраден уметник, им приреди вистинско музичко доживување, со своите вокални изведби, дополнително ги поттикна децата да се вклучат во исполнување на македонски народни песни. Присутните уживаа во фолклорните кореографии на најмладите членови на фолклорните играорни секции при учулиштата од Кочани, придружени со звуците од народните инструменти во изведба на учениците на ООМУ „Ристо јуруков“ под менторство на нивниот професор Виктор Постолов. Одличната атмосфера, се создаде преку огромниот интерес за пеење на децата, кои сакаа да ги покажат своите музички таленти и афинитет кон македонските народни песни.
Воедно, беа промовирани двете музички фолк сликовници, „Слушам кај шумат шумите“ и „Јовано Јованке“, кои се инспирирани од познатите и популарни, македонски народни песни. Сликовниците сe уникатни со својот концепт, новина во детското издаваштво кај нас и претставуваат спој на македонското народно музичко творештво и македонската ликовна уметност.
Целта и придобивките од содржините на проектот „Детска патувачка фолк библиотека“ и промовирањето на музичките фолк сликовници е да се даде придонес кон зачувување на македонското музичко народно културно наследство и фолклорното творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив, за да го засакаат и продолжат да го негуваат, како наше национално богатство. Но, децата да спознаваат и нови естетски содржини, преку ликовните дела, со што ќе се воспитуваат и градат култура на вредности.
Голема благодарност до целиот тим на ФОЛКОНИКА на чело со претседателот Душко Георгиевски, тимот на Media Consulting која го менаџира и спроведува проектот, и секако благодарност за сораборката до директорката на ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, Марија Лазарова. Исто така голема благодарност за учеството на учениците и нивните наставници од основните училишта во Кочани и населба Оризари.

Бидете во тек 

Пријавете се да ги добивате најновите настани и пристигнати книги.